Хемодијализа

ОДЕЛ ЗА ХЕМОДИЈАЛИЗА

Во оделот за хемодијализа поставени се 25 апарата за HD Surdial 55 plus произведени ви НИПРО – Јапонија со капацитет за лекување на 150 пациенти со склучен договор со ФЗО на Р.Македонија

Што е дијализа

Дијализата е процес со кој од телото се исфрлуваат штетните материи и вишокот на вода кај болните со краен стадиум на бубрежна болест, кога бубрезите повеќе не работат. Тогаш има опасност од нарушување на останатите функции на организмот кои може да не реагираат на друг конзервативен третман. Има два типа на дијализа, хемодијализа и перитонеална дијализа.

Во процесот на дијализа важни се неколку делови

Дијализатор, апарат за дијализа, раствор за дијализа и помошен прибор (игли, линии). Дијализаторот, филтерот има улога на “вештачки бубрег″ и содржи полупропусна мембрана во облик на капилари. Низ таа мембрана поминуваат материи, молекули само со одредена големина и вода. Филтерот се менува за секоја дијализа за секој болен. Растворот за дијализа, дијализатот, ја одржува рамнотежата на електролитите и учествува во процесот на прочистување на крвта. Апаратот за дијализа ја овозможува постојан проток на крвта и дијализатот и ја одржува постојана температурата.

Како се спроведува хемодијализата?

Со хемодијализата се зема крв од телото и се пумпа во посебна машина за дијализа. Преку филтерот се филтрираат отровните материи од крвта. Таа мембрана има мали пори и не ги пропушта крвните клетки и белковините.  Кога болниот ќе се приклучи за апаратот, крвта од артеријата оди во апаратот, се прочистува и прочистена се враќа во телото преку вена. Бидејќи крвта доаѓа во допир со материјал кој е “стран” за телото и може да дојде до згрутчување на крвта, создавање на коагулуми, се дава хепарин. Со посебни “маркери” (Kt/V) се проценува адекватноста на дијализата.

Повеќето болни со хронична бубрежна слабост имаат потреба од три хемодијализи неделно за да можат нормално да живеат.

За да може да се изведува хемодијализата потребен е пристап преку кој ќе се вади крвта. Тоа може да биде катетер, артериовенска фистула или графт. За артериовенска фистула со мал хируршки зафат се прави врска меѓу артерија и вена на внатрешната страна на раката. Ако крвните садови се преслаби за да се направи фистула се поставува графт. Катетерот најчесто е привремен пристап, но ако се исцрпени сите можности за формирање на фистула може да биде и траен пристап за дијализа.

Можни комплликации на хемодијализата се зголемена температура, алергиска реакција, пад на крвниот притисок, пореметување на ритамот на срцето поради промена на рамнотежата на електролитите, воздушна емболија, крварење. Инфекција најчесто се јавува кај болните кои имаат катетер. Затоа најтрајно и најдобро решение е артериовенската фистула.

Перитонеалната дијализа за прв пат е започната 1923 г., а од 1975г. е започната континуираната амбулаторна перитонеална дијализа (CAPD). Катетерите за перитонеална дијализа се поставуваат со ендоскопска метода.
При перитонеалната дијализа во мевната празнина се става раствор преку посебен катетер, а потоа истата се вади. Кај перитонеалната дијализа улогата на филтер ја има перитонеумот, обвивка која ја опкружува мевната празнина и ги прекрива органите. Таа има голема површина и богата мрежа на крвни садови. Растворот, дијализатот, во кој преминале штетните материи се извлекува со силата на гравитацијата.

Што треба да знаат болните и нивните семејства

Хемодијализата е најчест облик на лекување на болните со краен стадиум на хронична бубрежна болест. Се додека болните не се трансплантираат  мора да бидат лекувани со некој облик на дијализа, некогаш и до крајот на животот. Има болни кои живеат на хемодијализа и преку триесет години. Многу е важно строго да се придржуваат до распоредот на дијализите, препишаните лекарства и диетата за да се има долг и квалитетен живот.

Домашна дијализа

Дијализата која се изведува во домашни услови ако за тоа има можност има свои предности. Болните се обучуваат да ја изведуваат дијализата дома, а  се контролираат од сестра и лекар во дадени временски периоди. Се смета дека дијализата во домашни услови е поприфатлива за болните, особено за помладите кои се во работен однос.